27 јули 2007

Зошто е масата?

Многу работи се прават на маса. На почеток не беа многу. Ми се чини како што растев, така масата добиваше сѐ повеќе и повеќе функции.

На маса се јаде. Таа лекција ја научив како мал:
- Но, Зоки, - вели баба му - на масата се јаде, а врз стол се седи.

- А јас ќе седам врз маса, а на стој ќе јадам.

- Добро - вели баба му и замолчува, а кога Зоки посакува да јаде, чинијата со јадењето таа му ја става на столот и си оди.
На маса се вежба пишување или математика. Оваа лекција се учи во прво одделение. Седнувате и, наместо чинија, пред вас има молив, гума, тетратка и книги. Секоја бројка треба да се пишува во едно квадратче. Линиите треба да бидат прави, буквите убаво напишани, интерпукциските знаци на вистиските места... оди фати му го крајот ако можеш. А мора да можеш.

Како што одите кон погорните одделенија, а подоцна и во средно училиште, на маса се учат лекции. Седнувате и го „загревате“ столчето. Во тие моменти храната е изговор да станете од масата. Но, како што растете добивате „работна маса“. Обичната маса повторно е со основна намена. На неа се јаде.

Потоа на факултет. Учењето и така и така. Сега на маса се држат лекции. Секој има по нешто да каже, па ете уште ручекот не завршил, а веќе се бистри политика, се делат совети за животот и иднината или се прави претрес на резултатите од испитната сесија. Сето тоа на маса.

Ви велам, масата има важна улога во секое семејство. Како огништето од старите времиња, понекогаш масата е единственото место каде што се собираат сите членови од семејството. Макар тоа било од учтивост.

Нема коментари: