24 јули 2007

Не(с)фатливиот Зоки Коки

Вака почнува ова поглавје во книгата за мене:
Го бараат Зоки во собата - го нема.

Го бараат Зоки во спалната - го нема.

Го бараат Зоки во кујната и во шпајзот - пак го нема.
Ме нема кога не им текнува да ѕирнат во бањата. Нели ви кажав - таму човек може да се скрие и горе-долу на раат да се разговара на телефон. Иако, да бидам искрен, често не можам на ред за телефон да дојдам од сестра ми. Ќе ви раскажам за неа друг пат.

А што може друго човек да прави освен да се крие или да се прави зафатен?

Ако не можат да те најдат не можат ни да ти накалемат обврски. Зоран оди исфрли го ѓубрето, оди во продавница, однеси ја сестра ти на англиски, чекај ја после тренинг. Е па знаете што? Зоран не е тука! Отиде да прошета, да се одмори од учење... или ако не учел, отиде во библиотека!

Ако баш морате да се врткате дома (зима, ладно, снег) правете како јас: нешто читам и размислувам цело време, го стишувам тонот на телевизорот и мумлам зборови што не се разбираат. Така после некое време ќе ја слушнам мајка ми како тоа што го намерувала за мене го пренесува на татко ми.

- Пак му дале на детево да се мачи со сериозни теми. Божем светот ќе го спасува. Ние како да не учевме факултет.

Татко ми веднаш познава кон што води ова.

- Ако де, речи му да појде до продавница. Таман ќе се излуфтира.

Но, веќе е доцна. Сигурен сум под заштитата на мајка ми.

- Сте ја испразниле теглата со ајвар. Оди в подрум, донеси нова.

Нема коментари: