07 август 2007

И мечето има грип

Од кога што се сеќавам секоја зима ме коси грип:
Зоки е болен од грип. Стариот чичко доктор рече дека ќе мора да остане в постела, ако сака побрзо да оздрави.
Но на Зоки му е многу здодевно в постела. Тој лежи сам, макја му е на работа, татко му е на работа, а баба му го готви ручекот во кујната.
Пак лежам сам. Лидија е на факултет. Толе го нема никаде жив да се јави. Сестра ми буљи во телевизорот во дневна. Доаѓа да ми донесе чај секој еден час - како што ѝ наредила мајка ми.

Веќе 2 дена сум закован за кревет. Температура 39 и повеќе. Добив 4 SMS пораки зошто ме нема на raid, а и којзнае колку мејлови.

Slamenomeche е мојот таурен шаман. Не сум играл повеќе од 48 часа со што го срушив рекордот во мојот гилд. Пак SMS. Мојот гилд мастер ме потсетува за вечер.

Станувам и го палам компјутерот. Виндоусот се подига најбавно на свет. Отварам форум. Се логирам во WoW. Едвај гледам. Главата ми прска. Звукот од WoW ме освежува. Guild chat.

Slamenomeche: hi all. wassup?
... hey man...
... hi...
... where've u been?
Slamenomeche: sick. the flue.. :(
... :(
... sry man...
... what about tonight?
Slamenomeche: don't know... if i get better
... c'mon
....
Bapchorka се појавува од некаде:
Bapchorka: bolen a?
Slamenomeche: da be...
Bapchorka: i doma si lezis...
Slamenomeche: a sto da pravam...
Bapchorka: lejmer
Slamenomeche: jebi ga
Bapchorka: vecer kaj nefarian ides?
Slamenomeche: ako mozam
Bapchorka: aj begaj... ke ti ispratime ponada po posta
Slamenomeche: fala :)

Трчам малку наоколу колку да не бидам без ич, па гасам и се враќам во кревет. Две минути потоа во собата влегува сестра ми со уште една шолја топол чај. Добро е што не ме виде дека бев на компјутер, инаку не ми бегаше долга лекција од мајка ми.

За играчките

Имав многу играчки како дете. Сламеното мече ми беше омилено:
Сламеното Мече може да изгледа како живо.
Па затоа Зоки Поки најмногу од сѐ го сака.
Сега воглавно имам една играчка - компјутерот. Се разбира кога е нож на грло поради тоа што чмаам пред него тогаш објаснувам дека тој е многу повеќе од играчка... или многу повеќе играчки.

Варкравт.
Квејк.
Анриал.
Старкрафт.

Па Интернет.

IRC.
Форуми.
Порно.
WoW.
SecondLive.

Ајде... ќе ви раскажам и за Сламеното Мече.

06 август 2007

Игра

Дојде зима и падна првиот снег. Надвор сѐ замрзна. Порано јас и другите деца си игравме со снег, правевме снешковци и слично:
Баба му го облече убаво Зоки Поки, му ја стави топлата капа и го прати пред зградата за да си игра со другите деца.
Сега ретко можете да видите снешко наоколу.

Јас и Толе сме во кладилница - впрочем како и цело маало. Иако пишува дека е забрането за помали од 18 години, сите се напикани тука. Викенд е. Низ светот се игра фудбал, а тука луѓето се кладат. Толе повеќе следи отколку јас, но пивото е ефтино во кладилниците. А и што може друго да се прави во сабота или недела попладне? Седам и слушам муабети:

- Стави кец на Милан. Сигурна ти е таа.
- Четири плус на Барса. Ќе паднат голови.
- Бриж, Андерлехт, Ајакс и ПСВ во фикс. Друго по слободен избор и чиста пара.
- Минатото коло ги играв и ме заебаа. Реков не ги играм повеќе и не ги играм... ебате швабите.
- Кај знаат да играат тие фудбал. Само ја клоцаат топката натаму-наваму.

Доаѓа Толе. Спремил ливчиња.

- Сакаш да дадеш стотче? - ме прашува. - Ќе делиме по пола.
- Ајде, едно пиво помалку вечер...
- Ќаруваме денес. Имаш пет-шест пива плус вечер.

И понекогаш навистина добиваме. Толе знае да погоди. Добро е да се победи.

Излегуваме од кладилницата и тргнуваме кон дома. Снегот крцка под нашите нозе. Толе ми кажува дека ќе ми се јави да ми каже за резултатите. Се разделуваме кај раскрсницата. Тргнувам сам кон мојата зграда. Пусто е. Топка снег ме погаѓа во грбот. Лидија е... знам.

- Ќе си играме? - ме довикува.
- Ќе те затрупам.
- Нема шанси.
- Сакаш да правиме снешко?
- Ајде ќе правиме ручек!
- Месо од дрвца, грав од камчиња, коски од мраз?
- Уште се сеќаваш.
- Ајде горе. Има колачи и не се од ништо.
- Прво бобра со топки. Сите колачи за победникот.

Уште не сум се сложил, а нова снежна топка завршува во моето торзо. Почнувам да ја бркам. Малку подоцна пиеме топло чоколадо и играме табла во едно кафуле. Ми стигнува SMS од Толе. Ќаривме кеш. Ќе има за вечер.

05 август 2007

Жешка супа

Сам сум дома.
Ретка прилика.
Ѝ се јавувам на Лидија.
Ја канам на ручек.

Таа доаѓа.
Се разбира, подранува.
Имаме секс.
Природно тоа е прво на менито.

Таа е во бањата.
Се тушира.
Јас сум во кујната.
Готвам.

Супа.
Месо.
И зеленчук.
Сладолед за крај.

Не раскажувам повеќе.
Особено не каде и како го јадевме сладоледот.
А супата беше таман... ни жешка, ни ладна:
Денеска никој ништо не му рече на Зоки за супата.
Затоа, штом ја ставија чинијата пред него, тој веднаш сркна и - се испопари.
Воспитување на децата. Интересна тема, но можеби друг пат за тоа.

04 август 2007

Грижа

Не е дека не ја сакам баба ми, но жената во последно време има само една тема во животот и затоа избегнувам да сум дома кога ќе ја земат од домот за празник или што и да е.

Секако проклето тешко е да се најдат причини за отсуство од разни семејни собири, а понекогаш и финансиски невозможно, па така често мора да седам и да ја слушам истата приказна.

- Е голем си веќе Зоране - ќе почне баба ми. Пораснат. Порано на твои години се женеа и на печалба одеа момчињата.
- Има време бабо. Има време за сѐ.
- Има, ама нема. Види ме мене. Остарена, збрчкана, а како вчера да беше кога дедо ти, бог да го прости, ме зема.
- Други времиња биле тие бабо. Сега ни девојките не сакаат да се мажат.
- Е со тој ум далеку ќе дотераш. Седи ти со скрстени раце, па кога некој ќе ти ја собере Лидија од пред нос ќе се чудиш.
- Ајде мамо, остави го - интервенира мајка ми, а знам дека и таа го мисли истото.
- Еее ти одма...

И дискусијата продолжува за тоа како мајка ми и татко ми се запознале, па се земале, па сум се родил јас.

А мене ми текнува кај ми летал паметот кога сум бил дете:
- Бабо, - прашува еднаш Зоки - кога ќе се женам јас?
Баба му малку се чуди на ова прашање, но пак му одговара.
- Кога ќе пораснеш, Зоки.
И кога ќе пораснеш некои други работи наеднаш стануваат поважни, а женењето не е помеѓу нив.

03 август 2007

Кога бабата се лути

Хм... понекогаш не сум сигурен кое време е пишувана книгава за мене. Видете на што личи ова:
- Ако, бабичке, ако! Натепај ме, убаво натепај ме! Само те молам, зборувај ми. Не можам кога не ми зборуваш...
Сум ја чул и јас онаа старата „да си го бараш со борина“, ама секогаш мислев дека тоа има преносно значење. Да правиш работи кои знаеш дека ќе испровоцираат други луѓе - тоа е ОК, ама сам да ги повикуваш да те тепаат... е тоа уште никаде не сум го видел.

Но ништо од ова не важи кога татко ѝ на Лидија ќе се поднапие. Почна да пие кога му почнаа проблемите на работа. Како и повеќето работеше во една од оние државни фирми во општествена сопственост. Нема редовни плати, стечај, приватизација, распродажба, технолошки вишоци, неплатени придонеси, отпуштања... и некаде патем човекот се фати за чашка.

Морам да ви кажам дека татко ѝ има тешка рака. Еднаш, уште деца бевме, направивме бучкуруш во кујната кај Лидија и ни влепи по една шлаканица.

Сега удира кај ќе стигне. Не знам како издржува мајка ѝ на Лидија и зошто не преземе нешто. Штом ќе чујам викање одоздола, знам дека треба да излезам надвор бидејќи скоро сигурно Лидија седи уплакана на скалите. Тогаш одиме и шетаме некаде некое време и не зборуваме речиси ништо. Небројани пати сум ја прашал што е работата, ама таа не ми одговара ништо. Гледам дека ѝ е тешко, знае дека мајка ѝ се жртвува за неа, а јас не знам дали треба да се мешам или не.

Станарите на зградата, вклучувајќи ги и моите, се прават како ништо да не се случува. Знам дека мајка ми ѝ помага на мајка ѝ на Лидија, а можеби тоа го прават и други сосетки, но тоа сето е затскриено. Ништо не се зборува и на скалите секогаш има само учтиви насмевки.

Баба ми... баба ми мисли дека е во ред мажот да ја тепа жената. Така било од стари времиња... Да ти ебам времињата.

02 август 2007

За баба ми

Баба ми живееше со нас се додека сестра ми не потпорасна. Ни помагаше многу, особено на мајка ми, но штом се јави потреба за две детски соби, баба замина во пензионерски дом.

Таму не е нешто посебно, но што да се прави. Како што и таа самата често умееше да каже, старите си го имаат изживеано векот. Треба да се обезбедат услови за младите, да им се даде простор да дишат итн.

Ја посетувавме баба почесто на почеток, а сега поретко. Таа си најде пријателка таму и веќе не ѝ е толку досадно и пусто. Во меѓувреме ѝ купивме и мобилен телефон, па мајка ми или татко ми ѝ се јавуваат од време на време. Се разбира за празници, родендени и слични настани секогаш е кај нас.

Јас не сум бил да ја посетам скоро цела година. Ама се трудам редовно да ѝ пишувам пораки:

Ej babo dobra li si? Samo da ti kazam deka poloziv uste eden ispit. Dobro mi odi. Nemaj gajle. Pozdrav od vnukot.

Гостин од село

Со Толе се запознавме многу одамна. Бевме деца. Тој тогаш живееше на село:
Кај Зоки дојде гостин. Едно селанче од некое далечно село, дете на пријателот од татко му. Се викаше Толе.
Во тој период татко му на Толе често доаѓаше во градот. Пријатели со татко ми, па мојов му бркаше да најде работа во општината. Така се здруживме јас и Толе. Во средно училиште одевме заедно. Тогаш веќе неговите топтан се преселија тука. Куќата на село им остана празна, па ние често ја користевме за викенд и журки. И сѐ уште ја користиме.

Селово баш ни се најде некако:
Толе се охрабрува.
- А имате ли... поле?
- Немаме. - вели сега Зоки.
- Ете, гледаш! А каде ви растат јаболката, крушите, грозјето? На терасата?
И една пролет на еден дел од полето на Толе израснаа дрвца на Канабис. Не го планиравме тоа. Ги фрливме семките така на заебанција и тие си пораснале. На наша среќа селото на Толе беше далечно село, а полето далечно поле во далечното село. Шансите некој да ги види беа многу, многу мали.

Прибравме доволно литература за одгледување и се упативме кон селото. Тоа цело лето го минавме таму. Внимававме на дрвцата и бевме првите што го пробаа плодот. Испушивме бајаги, а и направивме доста кеш до крајот на годината. Продававме џоинти по вообичаени цени и во мали количини. Не продававме редовно за да не привлечеме внимание. Сѐ на сѐ добро поминавме.

Есента си ја обновив гардеробата, си купив дискмен и скапи очила за сонце. Остатокот од парите го тргнав за Нова Година. Еех... а кога ќе ми текна како се лутев на полето на Толе.

01 август 2007

Приказна за тажниот петел

Петелот како и Фигаро умре, но го надживеа Фигаро. Можам да ви раскажувам за борбата што овие двајца ја имаа еднаш кога јас го качив Фигаро на таванот. Сепак тоа не е толку интересно колку што е приказната за градот и домашните животни:
Доаѓа полицаец и бабата на Зоки мора да плати казна. Во градовите домашните животни не смеат да шетаат на улица, и тоа треба да се знае и да се почитува. Но зарем тоа го знаеја Зоки и убавкото петле?
Знаете веќе дека живеам во многукатна зграда, во центарот на градот, која нема двор ни пред неа ни зад неа. На станарите на нашата зграда изгледа им проработе селската жичка и одлучија да се вратат на дел од селскиот живот. Нашиот петел изгледа беше инспирација.

Не помина многу време и едни станари од приземје си направија кокошарници под својата тераса. Имаат таму неколку кокошки и жената собира по 2-3 јајца секое утро. Тие до нив да не останат покуси земаа да чуваат шарпланинец. Го држаа врзан на ланец исто под терасата во една импровизирана куќарка. Еднаш Мечо (тоа му беше името) зџапа некако една од кокошките. Соседите се испокараа и куќниот совет заседаваше за тоа - се разбира безуспешно. Резултатот беше мртов шарпланинец неколку дена потоа. Ветеринарот кажал дека е отруен. Овие со кокошките никогаш не признаа ништо.

Мечо го фрлија некаде да скапува, а куќарката остана и следната зима стана дом на кучка скитник. Таа се окучи таму и ете ти пак состанок на куќниот совет. Таквите состаноци веќе на пренос од собрание почнаа да личат. Глупости ви велам. Како којзнае кој да е одговорен за работите во нашата зграда.

Е, а полицаецот од приказната со петелот. Тој се досели во нашата зграда после неколку години. Се оженил и тука си најде поголем стан. И кога му пораснаа децата тој зад зградата од својата тераса си пушти скали и до ѕидот залепи гулабарник.

Така сега, отварањето прозори во нашата зграда е сложена и незгодна работа, треба да се внимава и планира:

- Зоране, - вика мајка ми - отвори прозор кај тебе во соба.

- Гулаби летаат од оваа страна мамо.

- Оооф... тогаш од дневната, ако свртило сонцето.

- А ветрот од каде дува денес?

- Немој во кујната. Пак им загорела запршката над нас.

И така се договараме по половина час и на крај ја отвараме врата од станот... и дури тогаш почнува вистински соседски живот. Ех, што ти е село.

31 јули 2007

Зоки Коки беше в парк

Како да е тоа нешто ново. Јас и половина град. Штом времето затопли паркот е плен по земја. Висиме и ние таму. Градска оаза.

- Вчера некои фаци решиле да си поиграат со статуите во паркот. - ѝ раскажувам на Лидија. - Многу боја и железо.

- И сега како изгледаат? - ме прашува Лидија.

- Како некои инсталации. - одговарам јас. - Сепак, тешко е да се одреди дали станува збор за вандализам или за уметност.

- Моите графити што се?

Победува. Немам што да ѝ одговорам на ова.

Лежиме во тревата. Малку сме повнимателни во последно време откога некои кретени одлучија да кршат флаши во парков. Да ги видам тоа да го соберат со жица:
- Видов еден чичко. Леле колку беше смешен! Немаш друга работа, па со една жица ги буцкаше сите книвчиња што ги испуштаа децата. Потоа си ги ставаше во една кошница за да си ги носи дома.
Од некаде се слуша гитара и пеење. Доаѓа тоа време од ноќта. Кај и да е и дискотеките ќе почнат да рокаат со музика. Пивото ни е при крај и му пишувам SMS на Толе да донесе ако доаѓа:

2 piva za nas ako doagjash. Na staro mesto sme.

После неколку минути телефонот кратко ми заѕвонува. Толе потврдува. Јас легнувам на тревата. Лидија лежи до мене. Воздивнува:

- Така е ведро, а ѕвездите не се гледаат.

Се подисправам над неа:

- Твоите очи светкаат - и ја бакнувам на челото.

Легнувам до неа. Лежиме заедно и молчиме. Гледаме нагоре. Кога ќе стишаат блиските пијани пејачи, можам да ја чујам како дише. Јас и Лидија.

Некои кретени пробрчуваат со веспите како да се на трка. Доаѓа Толе. Пиеме пиво.

30 јули 2007

Кој бил кукавица!

Јавен превоз... што да раскажувам. Се сеќавате на сцената со мене:
Тогаш шоферот слегува од кабината, го фаќа Зоки за уши и така го довлечкува до тротоарот.
Да да... кога сте виделе шофер на ЈСП вака одлучно да преземе било каква акција? Му влегуваат луѓе без карти, тој се прави наудрен. Кршат луѓе столчиња, тој се прави наудрен. Пушат во автобусот, тој се прави наудрен. Ете ви кукавица.

Без врска ми е ова. Се правам паметен. Треба убаво да си кажам: Му влегуваме во автобус без карти, тој се прави наудрен. Кршиме столчиња, тој се прави наудрен. Пушиме во автобус, тој се прави наудрен.

На некои постари патници им пречи ваквото однесување на младината, на некои не. Но, што да се прави? Мене ми пречи што пензионерите сите одлучуваат да одат на пазар во исто време, а на Толе тоа му е сосема во ред. Така, има некаква рамнотежа меѓу сите несреќници што одлучиле да се качат во автобус.

Контролорите на ЈСП додаваат зачин во манџата. Најчесто малтретираат послаби поединци, но ова е тема во која не сакам посебно да навлегувам. Јавно сообраќајно претпријатие жими газов. Само кукавици малтретираат послаби ако ме прашувате мене.

Ех, а приватните превозници се башка приказна. За 25 денари шоферот гаси мотор и не мрда додека сомнителното лице не плати или не се симне. Ми се чини дека магичниот збор овде е „приватна сопственост“. Толе не се сложува со мене.

- Кога сите автобуси би биле сини не би имало проблем!

- Како мислиш сини?

- Сини бе брат. Обоени со сина боја. И внатре и надвор. Сини како небото.

- Каква врска има бојата?

- Бојата... бојата влијае на чувствата. Сината е боја на мирот, хармонијата... Црвената на гнев, опасност.

Ни самиот Толе не знае од каде ја извади оваа приказна. Се разбира пушиме грас и муабетиме. Толе изгледа не забележал дека автобусиве во последно време често менуваат бои. Реклами. Тоа повторно ми зазвучува на „приватна сопственост“. А Толе повторно не се сложува...

29 јули 2007

На улица

Морам да ви кажам. Лидија црта многу убаво. Графитите ѝ се посебна специјалност. Сѐ започна уште многу одамна со детско шарање по ѕидот на нашата зграда:
- Нацртај едно коковче! - вели Лидија и Зоки Поки пак црта. Нацртај му и пиленце!
Така и коковчето и пиленцето остануваат на ѕидот, а Зоки и Лидија продолжуваат да шеткаат.
- Ајде сега нацртај тркалца, тркалца... многу тркалца.
И Зоки пак се завртува кон ѕидот и со своето јагленче црта многу, многу тркалца.
Иако вети, Лидија никогаш навистина не го избриша тој цртеш од ѕидот на нашата зграда. Вистина, еднаш дојде кај мене со канта вар и рече да го премачкам ѕидот. За да не негодувам, ми понуди пиво после завршената работа. Јас се сложив и го варосав ѕидот трошејќи подеднакво вар како на него така и на моите алишта. И штом ѕидот се засуши таа на неко нацрта постар човек како критикува две мали дечиња поради тоа што цртале на ѕидот на зградата.

Набргу потоа почнавме да ја освежуваме фасадата на други згради. Веќе сме екипа. Јас се грижам за сите материјали што се потребни. Толе, кога е тука, најчесто чува стража. А Лидија, Лидија црта. Вчера ја разубавивме најгрдата нова дивоградба (знаете која е де!) во градот. Лидија нацрта пожар на фасадата и под него со ситни букви ја допиша легендарната реченица која добро лежи на секој ѕид. Сигурно сте ја виделе на повеќе места:

Градот убав пак ќе никне! - Пиколомини

Лидија навистина има дарба. Се разбира тоа не е многу важно ако ги прашате мајка ѝ и татко ѝ. Како што често бива, таа мораше да се запише на Правниот факултет. Единствено место каде што може да црта таму се маргините на дебелите и досадни книги и тоа за време на досадните предавања на дебелите професори.

Време е за нов графит!

28 јули 2007

Големата авантура на Фигаро

Нпаравете пат за газдата на градот.
Штом зазори, тој брза кон својот дуќан.

Ах нели е животот добар и пријатен
за бербер од висока класа!

Ах, добро ти е ова Фигаро!
Добро, навистина добро!
Најсреќен сум јас вистина ви велам!

Подготвен на сѐ,
дење и ноќе
секогаш зафатен и растрчан.
Повеќе ќар за еден бербер
и поблагороден живот не може да се најде.

Бричеви и чешли,
ножеви и ножици,
сите тука
ми служат мене.

А има и други,
според занаетот
за госпоѓи... и господа...

Ах нели е животот добар и пријатен
за бербер од висока класа!

Сите прашуваат за мене, сите ме сакаат,
жени, млади луѓе, старци и девојки;
Што велите за перика... брзо бричење...
Пијавици...
Бргу белешката...
Сите прашуваат за мене, сите ме сакаат,
Што велите за перика, брзо бричење,
Побрзајте белешката - о јас!
Фигаро! Фигаро! Фигаро! итн.

Жими рајот, каква гужва!
Жими рајот, каква толпа!
Еден по еден, живи очите!

Фигаро! Еве сум.
О јас, Фигаро! Еве сум.
Фигаро овде, Фигаро онде,
Фигаро горе, Фигаро долу.

С
ѐ побргу и побргу искрите летаат со мене;
Јас сум газдата на градот.

Ах, добро ти е ова Фигаро! Добро, навистина добро!
Најсреќен сум јас, најсреќен сум јас,
најсреќен сум јас вистина ви велам!
Тебе среќата нема да те остави.

Јас сум газдата на градот.

Бевме на опера во средно училиште. Ова е сѐ што ми останало во сеќавање. Подобро ова отколку да ви раскажувам за мртов мачор. Но што е вистина, вистина е. И мачорот скокаше горе-долу како берберот:
Фигаро ги наостри ушите и - фр! - по неа.
Таа на прозорецот - тој врз завесата, таа на таванот - тој врз креденецот, таа на креветот, а тој... под креветот, потоа таа кај вратата, а тој над масата и ги исклештил забите!
И тогаш среќата го напушти.

За мачките

Кога бев Зоки Поки имав мачор. Тоа сите го знаете. Неговото име беше Фигаро. Велам беше, бидејќи Фигаро умре пред неколку години. Од старост. Едноставно пцовиса. Го закопавме на кејот на Вардар. И толку.

Никогаш не разбрав зошто името на мачорот беше Фигаро. Книгата вели дека:
Тој е можеби исто толку познат, колку што е познат и прочуениот бербер од операта „Севилскиот бербер“, но за жал овој Фигаро нема никаква врска со берберскиот занает.
Мене ми се чини дека името Марко е сто пати подобар избор за име на еден мачор. Но, можеби грешам. Оттогаш наваму немаме други домашни миленичиња. Набргу по смртта на Фигаро се роди сестра ми, а јас почнав да листам разни еротски списанија во кои имаше разголени слики од мачки (и риби).

27 јули 2007

Зошто е масата?

Многу работи се прават на маса. На почеток не беа многу. Ми се чини како што растев, така масата добиваше сѐ повеќе и повеќе функции.

На маса се јаде. Таа лекција ја научив како мал:
- Но, Зоки, - вели баба му - на масата се јаде, а врз стол се седи.

- А јас ќе седам врз маса, а на стој ќе јадам.

- Добро - вели баба му и замолчува, а кога Зоки посакува да јаде, чинијата со јадењето таа му ја става на столот и си оди.
На маса се вежба пишување или математика. Оваа лекција се учи во прво одделение. Седнувате и, наместо чинија, пред вас има молив, гума, тетратка и книги. Секоја бројка треба да се пишува во едно квадратче. Линиите треба да бидат прави, буквите убаво напишани, интерпукциските знаци на вистиските места... оди фати му го крајот ако можеш. А мора да можеш.

Како што одите кон погорните одделенија, а подоцна и во средно училиште, на маса се учат лекции. Седнувате и го „загревате“ столчето. Во тие моменти храната е изговор да станете од масата. Но, како што растете добивате „работна маса“. Обичната маса повторно е со основна намена. На неа се јаде.

Потоа на факултет. Учењето и така и така. Сега на маса се држат лекции. Секој има по нешто да каже, па ете уште ручекот не завршил, а веќе се бистри политика, се делат совети за животот и иднината или се прави претрес на резултатите од испитната сесија. Сето тоа на маса.

Ви велам, масата има важна улога во секое семејство. Како огништето од старите времиња, понекогаш масата е единственото место каде што се собираат сите членови од семејството. Макар тоа било од учтивост.

26 јули 2007

Со што може да се купи сиот свет

Немаше дилема што треба да купам со последните 100 денари. Влегувам во аптека и застанувам на шалтерот. Додека дојде аптекарката од задната соба зад мене се наредија еден дедо и една средовечна жена.

Почнав да се препотувам небаре ќе ја ограбувам аптеката. Добро е што не сум во маалската аптека си велам во себе.

- Кажи дечко - вели аптекарката.

- Ко... кондоми едно пакетче ако може - вкочането одговарам јас.

Како по некакво глупаво сценарио дедото зад мене се накашлува. Јас ги подавам парите, а аптекарката ми дава кесиче во кое ги ставила кондомите. Тргнувам да си одам, а таа ме враќа:

- Дечко заборави кусур и сметка.

Ја пружам раката и ситните парички се распрскуваат по подот. Собирам тоа што можам и истрчувам надвор. Навистина, добро е што не сум во маалската аптека.

Кондомите ги имам в џеб. Durex Select, во бои, со различен мирис... баш како што Лидија отсекогаш сакаше:
- Сакам зелено, сино, бело, жолто... Тоа сакам.

- Тоа не може да се купи - вели Зоки. Што сакаш ти, всушност?

- Сакам сѐ, - вели Лидија - сѐ зелено, сино, бело, жолто... и веќе сака да плаче.

- Како сѐ, сѐ? Сѐ што лета, сѐ што оди, сѐ што има? Сиот свет?

- Да, - вели Лидија - сиот свет зелен. црвен, жолт, син...
Со Лидија сме заедно веќе некое време. И супер ни е. Се познаваме добро. Та толку време се дружиме. Затоа и ова со сексот го теравме полека. Кога ќе дојде тогаш.

Вчера ми се јави и ми кажа дека некои нејзини колешки одат дома за викенд и дека им го земала клучот од собата во студенсткиот дом. Подобра прилика, со оглед на ограниченоста на нашите простори за домување, здравје.

Пристигнувам на автобуската близу домот. Таму се чекаме. Лидија веќе пристигнала Ме гледа прашално, а јас тргнувам да ја прегрнам.

- Купи ли? - ме прашува Лидија - Кажи ми дека купи...

- Купив. - ѝ одговарам јас.

И тргнавме кон собата во домот.

Не беше којзнае што, но беше со Лидија. Таа вечер, исто како некогаш, си го подаривме сиот свет.

25 јули 2007

За прекарите

Прво бев Зоран и, како што знаете, Зоки Поки беше измислица на Лидија:
Не ќе постоеше Зоки Поки, ако не постоеше оваа Лидија. Оваа Лидија што е голема до моево колено и што има очи како џамлии.
Подоцна, благодарение на Лидија, повторно станав Зоран:
Но наеднаш, токму пред него, нешто како да ја запре и таа рече:

- О, Зо... Зоране...
И бев Зоран некое време, кога една вечер доаѓа Толе, напушен, среден - фрула. Ми дава една двојка и ми вели:

- Оваа специјално за тебе ја носам Зоране. Опасно добра ганџа.

И одиме да пушиме во градинката, на клупите. Седиме, се зезаме, муабет.

- Навистина добра, - велам јас - кај ја најде бе Толе? Мајстор си за ганџа значи: Толе Ганџа.

- Ако јас сум Толе Ганџа, - ми одговара Толе - ти си Зоки Коки... ебате џанакот...

И прснавме од смеење.

После некое време отидовме да се ладиме со пиво. Повеќето работи ги заборавивме, но прекарот ми остана. Сепак, за разлика од претходниот овој не го кажувам дома.

Како брои Зоки Коки

Одвратно. Божем малите деца се циркузанти:
- А, - рече бабата - не знаете вие, Зоки умее да брои до десет!

- Да видиме, - извикаа гостите - ако умее тогаш нека ги изброи карамелите што му ги донесовме.
Ви велам - одвратно! Карамели веќе не јадам - ми се лепат на забите и тоа ми пречи. А бројам на неколку начини

Бројам во себе кога ќе ме изнервираат. Бројам така за да се смирам и да не изреагирам бурно. Бројам во стотки кога треба да одам во град. Колку стотки, толку пијачки, плус цигари, плус такси. Значи ем бројам ем собирам. Додавам уште една нула во броењето кога треба да одам на викенд некаде, или кога лажам дека одам на викенд некаде, а всушност висам кај некого дома и пиеме и пушиме по цели денови.

Бројам и денови пред испит. Штом ќе стигнам до 10 дена пред испит почнувам да учам. Но пред да почнам бројам и страници за учење. Трошам еден ден на броење и распределување на страниците така што во суштина ми остануваат 9 дена за учење. Од нив, како и да ја вртите, 2 дена се викенд...

Кога сте мало дете и кога се давите во карамели пред чичковците со големи стомаци, кои ве насрчуваат да броите до 10, ни на крај памет не ви паѓа дека броењето е толку корисна работа. Карамелите тогаш се доволни.

24 јули 2007

Не(с)фатливиот Зоки Коки

Вака почнува ова поглавје во книгата за мене:
Го бараат Зоки во собата - го нема.

Го бараат Зоки во спалната - го нема.

Го бараат Зоки во кујната и во шпајзот - пак го нема.
Ме нема кога не им текнува да ѕирнат во бањата. Нели ви кажав - таму човек може да се скрие и горе-долу на раат да се разговара на телефон. Иако, да бидам искрен, често не можам на ред за телефон да дојдам од сестра ми. Ќе ви раскажам за неа друг пат.

А што може друго човек да прави освен да се крие или да се прави зафатен?

Ако не можат да те најдат не можат ни да ти накалемат обврски. Зоран оди исфрли го ѓубрето, оди во продавница, однеси ја сестра ти на англиски, чекај ја после тренинг. Е па знаете што? Зоран не е тука! Отиде да прошета, да се одмори од учење... или ако не учел, отиде во библиотека!

Ако баш морате да се врткате дома (зима, ладно, снег) правете како јас: нешто читам и размислувам цело време, го стишувам тонот на телевизорот и мумлам зборови што не се разбираат. Така после некое време ќе ја слушнам мајка ми како тоа што го намерувала за мене го пренесува на татко ми.

- Пак му дале на детево да се мачи со сериозни теми. Божем светот ќе го спасува. Ние како да не учевме факултет.

Татко ми веднаш познава кон што води ова.

- Ако де, речи му да појде до продавница. Таман ќе се излуфтира.

Но, веќе е доцна. Сигурен сум под заштитата на мајка ми.

- Сте ја испразниле теглата со ајвар. Оди в подрум, донеси нова.

23 јули 2007

Во бањата

Кога живеете во зграда и тоа на средните спратови соседите исто како да ви се в куќи.

Прво сѐ се слуша. Се слуша што зборуваат кога се расправаат или какви крици испуштаат кога имаат секс. За тоа главно виновна е инсталацијата за парно. Второ, речиси секогаш можете да намирисате што готват и дали им загорела запршката.

Но, главните незгоди се во бањата.

Книгата јасно вели:
Кога е Зоки Поки во бањата, за тоа треба да знае сета зграда во која тој живее.
Сега веќе ова важи за кој и да е. Ако имате соседи кои не се премногу внимателни водата место во канализација ќе заврши на вашите плочки. Ако биде само вода, тогаш сте имале среќа.

Има и неколку други трикови тука. Ако сте на приземје лифтот не ви треба, а ако сте во поткровје кровот е само ваш. Се разбира овие варијанти имаат и добри и лоши страни.

Сепак соседите не се единствените нерешени прашања кога станува збор зградите и бањите. Кога живеете со двајца родители, баба и/или дедо и брат или сестра во простор дизајниран за три лица, бањата може да ви се најде за многу повеќе од одржување хигиена. Така, таа може да биде единственото приватно место каде што ќе можете телефонски да разговарате со вашите пријатели. Ја гледате замката тука, нели? Можеби домашите нема да ве чујат, но ќе треба да бидете и тивки за да не дозволите цефките за парно да ја пренесат приказната нагоре или надолу низ зградата.

Добро де, и бањата може да биде тесно грло ако е гужва во станот. Само замислете ја ситуацијата после оброк со лути пиперки. Стомакот ги притиска сите, а има само една WC шоља - оооооолелееее. Што да се прави. Лутите пиперки се неизбежен дел од оброкот на секоја македонска трпеза.

22 јули 2007

Кој е Зоки Коки и, ако сакате да го запознаете, каде можете да го најдете

Јас сум.

И тоа, прилично сум обичен, како кој и да е. Не сум некој голем спортист иако порано играв фудбал во маало. Ни умствено не се истакнувам премногу иако во осмо одделение победив на републичкиот натпревар по математика. Сега сум некако просечен и ова важи за речиси сите кои ги познавам.

За разлика од „Поки“ овој прекар ми го закачи Толе. Их, што работи имаме правено со него. Има време ќе ви раскажам.

Ако сакате да ме запознаете подобро може да читате што ќе раскажувам овде. Ќе има тука доволно приказни. Но, ако читањето не ви е баш по мерак можете лесно да ме најдете. Висам на вообичените места во градот.

Книгата за мене вели:
Барајте го и секако ќе го најдете.

И, запомнете не морате да одите премногу далеку.

Зашто, можеби Зоки Поки ќе ви заприлега на некого од вас, па дури можеби и... на вас самите?
И да ви кажам право си заприлегам со повеќе мои пријатели. Со Толе сме екипа, а и Лидија уште е тука. Ви текнува на Лидија?
Една Лидија што е голема до моево колено и што има очи како џамлии.
Повисока е сега Лидија, а знае и штикли да носи кога е така расположена. Сѐ уште има очи како џамлии и секси е.

Неколку зборови за почеток

Здраво на сите!

Помина многу време откога излезе книгата за мене. Тогаш бев мало детенце. Имав и друг прекар - бев Зоки Поки. Што се случи од тогаш до сега?

Вака завршува книгата за мене:
Зошто нема повеќе приказни за Зоки Поки?

Видовте и сами: не постои веќе некојси таму Зоки Поки! Ете зошто!
Значи Зоки Поки порасна и додека растеше се случија повеќе работи. Во поширокото опркужување се случија неколку војни и долга и мачна транзиција.

И со мене се случија многу работи. На пример, новиот прекар. Од дрогите е тој.

Што друго се случи? Не грижете се. Ќе ви раскажам сѐ.