20 октомври 2008

Зоки Коки in the news...

На страницата на неделникот форум се појави мал текст за „Зоки Коки“.

Да го забележиме овде.

07 август 2007

И мечето има грип

Од кога што се сеќавам секоја зима ме коси грип:
Зоки е болен од грип. Стариот чичко доктор рече дека ќе мора да остане в постела, ако сака побрзо да оздрави.
Но на Зоки му е многу здодевно в постела. Тој лежи сам, макја му е на работа, татко му е на работа, а баба му го готви ручекот во кујната.
Пак лежам сам. Лидија е на факултет. Толе го нема никаде жив да се јави. Сестра ми буљи во телевизорот во дневна. Доаѓа да ми донесе чај секој еден час - како што ѝ наредила мајка ми.

Веќе 2 дена сум закован за кревет. Температура 39 и повеќе. Добив 4 SMS пораки зошто ме нема на raid, а и којзнае колку мејлови.

Slamenomeche е мојот таурен шаман. Не сум играл повеќе од 48 часа со што го срушив рекордот во мојот гилд. Пак SMS. Мојот гилд мастер ме потсетува за вечер.

Станувам и го палам компјутерот. Виндоусот се подига најбавно на свет. Отварам форум. Се логирам во WoW. Едвај гледам. Главата ми прска. Звукот од WoW ме освежува. Guild chat.

Slamenomeche: hi all. wassup?
... hey man...
... hi...
... where've u been?
Slamenomeche: sick. the flue.. :(
... :(
... sry man...
... what about tonight?
Slamenomeche: don't know... if i get better
... c'mon
....
Bapchorka се појавува од некаде:
Bapchorka: bolen a?
Slamenomeche: da be...
Bapchorka: i doma si lezis...
Slamenomeche: a sto da pravam...
Bapchorka: lejmer
Slamenomeche: jebi ga
Bapchorka: vecer kaj nefarian ides?
Slamenomeche: ako mozam
Bapchorka: aj begaj... ke ti ispratime ponada po posta
Slamenomeche: fala :)

Трчам малку наоколу колку да не бидам без ич, па гасам и се враќам во кревет. Две минути потоа во собата влегува сестра ми со уште една шолја топол чај. Добро е што не ме виде дека бев на компјутер, инаку не ми бегаше долга лекција од мајка ми.

За играчките

Имав многу играчки како дете. Сламеното мече ми беше омилено:
Сламеното Мече може да изгледа како живо.
Па затоа Зоки Поки најмногу од сѐ го сака.
Сега воглавно имам една играчка - компјутерот. Се разбира кога е нож на грло поради тоа што чмаам пред него тогаш објаснувам дека тој е многу повеќе од играчка... или многу повеќе играчки.

Варкравт.
Квејк.
Анриал.
Старкрафт.

Па Интернет.

IRC.
Форуми.
Порно.
WoW.
SecondLive.

Ајде... ќе ви раскажам и за Сламеното Мече.

06 август 2007

Игра

Дојде зима и падна првиот снег. Надвор сѐ замрзна. Порано јас и другите деца си игравме со снег, правевме снешковци и слично:
Баба му го облече убаво Зоки Поки, му ја стави топлата капа и го прати пред зградата за да си игра со другите деца.
Сега ретко можете да видите снешко наоколу.

Јас и Толе сме во кладилница - впрочем како и цело маало. Иако пишува дека е забрането за помали од 18 години, сите се напикани тука. Викенд е. Низ светот се игра фудбал, а тука луѓето се кладат. Толе повеќе следи отколку јас, но пивото е ефтино во кладилниците. А и што може друго да се прави во сабота или недела попладне? Седам и слушам муабети:

- Стави кец на Милан. Сигурна ти е таа.
- Четири плус на Барса. Ќе паднат голови.
- Бриж, Андерлехт, Ајакс и ПСВ во фикс. Друго по слободен избор и чиста пара.
- Минатото коло ги играв и ме заебаа. Реков не ги играм повеќе и не ги играм... ебате швабите.
- Кај знаат да играат тие фудбал. Само ја клоцаат топката натаму-наваму.

Доаѓа Толе. Спремил ливчиња.

- Сакаш да дадеш стотче? - ме прашува. - Ќе делиме по пола.
- Ајде, едно пиво помалку вечер...
- Ќаруваме денес. Имаш пет-шест пива плус вечер.

И понекогаш навистина добиваме. Толе знае да погоди. Добро е да се победи.

Излегуваме од кладилницата и тргнуваме кон дома. Снегот крцка под нашите нозе. Толе ми кажува дека ќе ми се јави да ми каже за резултатите. Се разделуваме кај раскрсницата. Тргнувам сам кон мојата зграда. Пусто е. Топка снег ме погаѓа во грбот. Лидија е... знам.

- Ќе си играме? - ме довикува.
- Ќе те затрупам.
- Нема шанси.
- Сакаш да правиме снешко?
- Ајде ќе правиме ручек!
- Месо од дрвца, грав од камчиња, коски од мраз?
- Уште се сеќаваш.
- Ајде горе. Има колачи и не се од ништо.
- Прво бобра со топки. Сите колачи за победникот.

Уште не сум се сложил, а нова снежна топка завршува во моето торзо. Почнувам да ја бркам. Малку подоцна пиеме топло чоколадо и играме табла во едно кафуле. Ми стигнува SMS од Толе. Ќаривме кеш. Ќе има за вечер.

05 август 2007

Жешка супа

Сам сум дома.
Ретка прилика.
Ѝ се јавувам на Лидија.
Ја канам на ручек.

Таа доаѓа.
Се разбира, подранува.
Имаме секс.
Природно тоа е прво на менито.

Таа е во бањата.
Се тушира.
Јас сум во кујната.
Готвам.

Супа.
Месо.
И зеленчук.
Сладолед за крај.

Не раскажувам повеќе.
Особено не каде и како го јадевме сладоледот.
А супата беше таман... ни жешка, ни ладна:
Денеска никој ништо не му рече на Зоки за супата.
Затоа, штом ја ставија чинијата пред него, тој веднаш сркна и - се испопари.
Воспитување на децата. Интересна тема, но можеби друг пат за тоа.

04 август 2007

Грижа

Не е дека не ја сакам баба ми, но жената во последно време има само една тема во животот и затоа избегнувам да сум дома кога ќе ја земат од домот за празник или што и да е.

Секако проклето тешко е да се најдат причини за отсуство од разни семејни собири, а понекогаш и финансиски невозможно, па така често мора да седам и да ја слушам истата приказна.

- Е голем си веќе Зоране - ќе почне баба ми. Пораснат. Порано на твои години се женеа и на печалба одеа момчињата.
- Има време бабо. Има време за сѐ.
- Има, ама нема. Види ме мене. Остарена, збрчкана, а како вчера да беше кога дедо ти, бог да го прости, ме зема.
- Други времиња биле тие бабо. Сега ни девојките не сакаат да се мажат.
- Е со тој ум далеку ќе дотераш. Седи ти со скрстени раце, па кога некој ќе ти ја собере Лидија од пред нос ќе се чудиш.
- Ајде мамо, остави го - интервенира мајка ми, а знам дека и таа го мисли истото.
- Еее ти одма...

И дискусијата продолжува за тоа како мајка ми и татко ми се запознале, па се земале, па сум се родил јас.

А мене ми текнува кај ми летал паметот кога сум бил дете:
- Бабо, - прашува еднаш Зоки - кога ќе се женам јас?
Баба му малку се чуди на ова прашање, но пак му одговара.
- Кога ќе пораснеш, Зоки.
И кога ќе пораснеш некои други работи наеднаш стануваат поважни, а женењето не е помеѓу нив.

03 август 2007

Кога бабата се лути

Хм... понекогаш не сум сигурен кое време е пишувана книгава за мене. Видете на што личи ова:
- Ако, бабичке, ако! Натепај ме, убаво натепај ме! Само те молам, зборувај ми. Не можам кога не ми зборуваш...
Сум ја чул и јас онаа старата „да си го бараш со борина“, ама секогаш мислев дека тоа има преносно значење. Да правиш работи кои знаеш дека ќе испровоцираат други луѓе - тоа е ОК, ама сам да ги повикуваш да те тепаат... е тоа уште никаде не сум го видел.

Но ништо од ова не важи кога татко ѝ на Лидија ќе се поднапие. Почна да пие кога му почнаа проблемите на работа. Како и повеќето работеше во една од оние државни фирми во општествена сопственост. Нема редовни плати, стечај, приватизација, распродажба, технолошки вишоци, неплатени придонеси, отпуштања... и некаде патем човекот се фати за чашка.

Морам да ви кажам дека татко ѝ има тешка рака. Еднаш, уште деца бевме, направивме бучкуруш во кујната кај Лидија и ни влепи по една шлаканица.

Сега удира кај ќе стигне. Не знам како издржува мајка ѝ на Лидија и зошто не преземе нешто. Штом ќе чујам викање одоздола, знам дека треба да излезам надвор бидејќи скоро сигурно Лидија седи уплакана на скалите. Тогаш одиме и шетаме некаде некое време и не зборуваме речиси ништо. Небројани пати сум ја прашал што е работата, ама таа не ми одговара ништо. Гледам дека ѝ е тешко, знае дека мајка ѝ се жртвува за неа, а јас не знам дали треба да се мешам или не.

Станарите на зградата, вклучувајќи ги и моите, се прават како ништо да не се случува. Знам дека мајка ми ѝ помага на мајка ѝ на Лидија, а можеби тоа го прават и други сосетки, но тоа сето е затскриено. Ништо не се зборува и на скалите секогаш има само учтиви насмевки.

Баба ми... баба ми мисли дека е во ред мажот да ја тепа жената. Така било од стари времиња... Да ти ебам времињата.

02 август 2007

За баба ми

Баба ми живееше со нас се додека сестра ми не потпорасна. Ни помагаше многу, особено на мајка ми, но штом се јави потреба за две детски соби, баба замина во пензионерски дом.

Таму не е нешто посебно, но што да се прави. Како што и таа самата често умееше да каже, старите си го имаат изживеано векот. Треба да се обезбедат услови за младите, да им се даде простор да дишат итн.

Ја посетувавме баба почесто на почеток, а сега поретко. Таа си најде пријателка таму и веќе не ѝ е толку досадно и пусто. Во меѓувреме ѝ купивме и мобилен телефон, па мајка ми или татко ми ѝ се јавуваат од време на време. Се разбира за празници, родендени и слични настани секогаш е кај нас.

Јас не сум бил да ја посетам скоро цела година. Ама се трудам редовно да ѝ пишувам пораки:

Ej babo dobra li si? Samo da ti kazam deka poloziv uste eden ispit. Dobro mi odi. Nemaj gajle. Pozdrav od vnukot.

Гостин од село

Со Толе се запознавме многу одамна. Бевме деца. Тој тогаш живееше на село:
Кај Зоки дојде гостин. Едно селанче од некое далечно село, дете на пријателот од татко му. Се викаше Толе.
Во тој период татко му на Толе често доаѓаше во градот. Пријатели со татко ми, па мојов му бркаше да најде работа во општината. Така се здруживме јас и Толе. Во средно училиште одевме заедно. Тогаш веќе неговите топтан се преселија тука. Куќата на село им остана празна, па ние често ја користевме за викенд и журки. И сѐ уште ја користиме.

Селово баш ни се најде некако:
Толе се охрабрува.
- А имате ли... поле?
- Немаме. - вели сега Зоки.
- Ете, гледаш! А каде ви растат јаболката, крушите, грозјето? На терасата?
И една пролет на еден дел од полето на Толе израснаа дрвца на Канабис. Не го планиравме тоа. Ги фрливме семките така на заебанција и тие си пораснале. На наша среќа селото на Толе беше далечно село, а полето далечно поле во далечното село. Шансите некој да ги види беа многу, многу мали.

Прибравме доволно литература за одгледување и се упативме кон селото. Тоа цело лето го минавме таму. Внимававме на дрвцата и бевме првите што го пробаа плодот. Испушивме бајаги, а и направивме доста кеш до крајот на годината. Продававме џоинти по вообичаени цени и во мали количини. Не продававме редовно за да не привлечеме внимание. Сѐ на сѐ добро поминавме.

Есента си ја обновив гардеробата, си купив дискмен и скапи очила за сонце. Остатокот од парите го тргнав за Нова Година. Еех... а кога ќе ми текна како се лутев на полето на Толе.