25 јули 2007

Како брои Зоки Коки

Одвратно. Божем малите деца се циркузанти:
- А, - рече бабата - не знаете вие, Зоки умее да брои до десет!

- Да видиме, - извикаа гостите - ако умее тогаш нека ги изброи карамелите што му ги донесовме.
Ви велам - одвратно! Карамели веќе не јадам - ми се лепат на забите и тоа ми пречи. А бројам на неколку начини

Бројам во себе кога ќе ме изнервираат. Бројам така за да се смирам и да не изреагирам бурно. Бројам во стотки кога треба да одам во град. Колку стотки, толку пијачки, плус цигари, плус такси. Значи ем бројам ем собирам. Додавам уште една нула во броењето кога треба да одам на викенд некаде, или кога лажам дека одам на викенд некаде, а всушност висам кај некого дома и пиеме и пушиме по цели денови.

Бројам и денови пред испит. Штом ќе стигнам до 10 дена пред испит почнувам да учам. Но пред да почнам бројам и страници за учење. Трошам еден ден на броење и распределување на страниците така што во суштина ми остануваат 9 дена за учење. Од нив, како и да ја вртите, 2 дена се викенд...

Кога сте мало дете и кога се давите во карамели пред чичковците со големи стомаци, кои ве насрчуваат да броите до 10, ни на крај памет не ви паѓа дека броењето е толку корисна работа. Карамелите тогаш се доволни.

1 коментар:

Анонимен рече...

Очень полезно